Премиерот Никола Груевски смета дека оставките на опозицијата не се ништо друго освен стратетија на опозицијата за да се направи штета на државата.
– Шансата на ваков начин да се загуби препораката од Европската унија е огромна. Мислам дека најсреќен човек во тој момент ќе биде Зоран Заев и ќе скока по еден метар во висина ако дознае дека Македонија ја загубила препораката. Граѓаните тоа го препознаваат, го препознаа и во минатото, а го препознаваат и сега. Тоа не е стратегија, тоа е деструктивна политика што ја водеше Бранко Црвенковски, а сега ја продолжува Зоран Заев – изјави Груевски по промоцијата на новите пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“, објави МИА.
– Во една ситуација на безидејност, кога немаат идеи како да постапат, што да понудат, кога скоро излегоа на избори и во првиот круг понудија некои свои идеи, за кои не ја добија довербата на граѓаните, затоа во вториот круг ја сменија тактиката. Сега веќе без идеи се одлучија на деструктивна политика со која правејќи штета на граѓаните и на државата веруваат дека ќе направат корист за сопствената партија – рече Груевски.
На ова возврати СДСМ со реакција во која му порачува на Груевски дека допрва ќе ја запознае непокорливата одлучност на опозицијата да ја врати демократијата во земјава.
-СДСМ ја очекуваше нервозата кај Никола Груевски кој лично со своето незрело однесување ја урниса политичката клима во Република Македонија, ја донесе државата на ниво на финансиски колапс, ги разниша кревките меѓуетнички односи, ги искомплицира меѓународните позиции на државата, од достоиствена земја кандидатка за ЕУ, до ниво на закани за повлекување на препораката за преговори со ЕУ, за што признава самата власт на Груевски, се вели во писмената реакција на СДСМ.
-Никола Груевски, вчера, преку еден од неговите инструирани експерти, дури отиде чекор понатаму во режимското практикување на власта, токму на денот кога опозицијата покажа единственост за невлегување во Парламентот, поради криминалните избори. Груевски, преку Ивица Боцевски, се обиде да се закани на опозицијата, дека ќе го употреби Јавното обвинителство ако проработи Парламентот во сенка, што како можност го најавува опозицијата.
-СДСМ му порачува на Никола Груевски веднаш да престане со смешните закани, затоа што повеќе никој не му се плаши. Доколку опозицијата донесе таква одлука, Парламент во сенка ќе функционира, сакал Никола Груевски или не.
На Груевски му се случува граѓански фронт, му се допаѓало тоа или не




