Премиерот Никола Груевски, денеска пред споменикот на Методија Андонов Ченто, на градскиот плоштад во Скопје, порача дека бројот на пратеници од дијаспората не треба да се намалува, туку да се триплира.
– Не ја потценувајте дијаспората, најновите притисоци кон нас за да се елиминираат гласовите на дијаспората ќе ја оддалечи оваа структура на луѓе од нас која и помага на Македонија. Барањето да се сведе работата на ниеден или само на еден пратеник од дијаспората ќе упати погрешен сигнал. Ако јас се прашувам, бројот на пратеници од дијаспората треба да се триплира, а не да се намалува. Дијаспората не само што испраќа средства за своите во Македонија, туку помага и со инвестиции, лобирања. Различни структури на дијаспората ни помагаа за многу инвестииции во странство, рече Груевски, надополнувајќи дека ним им значело присуството во Парламентот.
Тој во говорот, во едно ги стави Илинденците и сегашната власт, односно вели и на едните и на другите им се оспорувал успехот.
– Стремејќи се кон повисоките цели, за народот да има работа, фабрики, нови патишта, да напредуваме во спортот, туризмот, во секој област дејствуваме со неисцрпна енергија. Земаме пример од најдобрите, се трудиме да ја доближиме Македонија до најуспешните во светот на секое поле. Тоа бара многу работа, пропратена со многу препреки и проблеми. Успехот може да биде оспорен, но тоа е кратко, тоа е капка во море. Го спорат успехот на Илинденците, го спорат и нашиот успех, но тој не може да се скрие. Новите фабрики, работни места, перспективи, судските реформи, во здравството, новите можности во образованието, помагањето на пензионерите, градбата на патиштата, аеродромите, тракторите, се за овој народ, потенцираше премиерот.
Тој рече дека тие власта цврсто ќе останеме на патот на Илинденците и антифашистите, бидејќи имале уште многу што да покажат, од типот на проекти и ветувања.
Премиерот Никола Груевски, воедно во својот говор, им го честиташе празникот на граѓаните на Македонија.




