Премиерот Никола Груевски денеска го одржа својот најдолг говор во кариерата во траење од еден час и 55 минути, објавува Телма.
На редовната годишна конференција на стопанствениците од сите комори, по долгото образложување на мерките на Владата и новите закони, Груевски кон крајот на својот говор од стопанствениците директно побара да бидат општествено одговорни, „да не мислат само на себе и на својот профит, туку да одвојат нешто и за општеството“.
Како пример ги посочи американските компании, кои, како што рече, се натпреваруваат која ќе биде похумана и која ќе даде повеќе пари на донаторски конференции, а кај нас, како што нагласи, тоа во последните години веќе е заборавено.
-Таквите бизнисмени во странство ги гледаат со презир, им порача на насобраните бизнисмени Груевски. Тој рече дека очекува веднаш да размислат и повторно да се вратат на нивото на општесвената одговорност како што тоа беше пред повеќе години.
Груевски упати и лична закана кон некои од најбогатите бизнисмени кои, како што рече, најмногу заработуваат но, и најмногу загадуваат. Тој ги предупреди доколку до април идната година не ги исполнат законските еколошки стандарди, може да се соочат со одземање на дозволата за работа.
Премиерот ги праша овие бизнисмени како ќе се чувствуваат доколку некој од нивните семејства или тие лично, се разболат од некоја тешка болест, а знаат дека нивните компании се најголемиот загадувач? Им порача дека богатството не може да се носи „на оној свет“.
Груевски, во овој говор, кој наликуваше на премиерско експозе, јавно му се заблагодари на својот вујко Јордан Мијалков, за се што сторил и за тоа што го научил дека „богат си онолку колку што даваш“.




