Премиерот Никола Груевски по повод празникот Рамазан Бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до верниците од исламска вероисповед.
„Ова се денови од неизмерно големо значење за Вашата заедница и духовна посветеност. Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам и сите други месеци од годината да ви бидат исполнети со вредностите и благодетите на најблагородниот и најсреќниот месец за Вас, месецот Рамазан. Вербата во Бога да нè води кон вистинскиот пат и постојано меѓу луѓето да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба“, се вели во честитката.
Да ги искористиме религиите и верските учења за убави нешта, додава Груевски, за продолжување на столетната традиција на пријателство, единство и хармонија, како основа за забрзан економски, културен и сеопшт развој на Република Македонија.




