Во интервју за австриски „Ди Пресе“, премиерот Груевски вели граѓаните се тие кои треба да одлучат кој треба да биде во Владата а кој во опозиција.
Вели бил уценуван од “креираните материјали“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за формирање на техничка влада.
– Минатиот април мојата партија ги доби изборите. Немаше неправилности. И покрај тоа, лидерот на Социјалдемократите не ги признава изборите и бара формирање на техничка влада. Кон крајот на август ми беше пренесено од 10 до 15 луѓе дека Заев зборувал наоколу дека има снимки од телефонски разговори, со кои планирал да врши притисок над мене и мојата партија. Тој сакаше да постигне формирање на експертска влада. Кон средината на септември добив СМС од Заев каде тој бараше да одржиме средба. Ги известив надлежните дека сум под закана. Јавниот обвинител нареди да ги снимам разговорите со Заев. Заев ги сподели со мене аудио снимките и изјави дека е подготвен да го споделува материјалот. Тоа не е добро за државата и затоа мора да дојде до формирање на експертска влада. Јас бев под притисок, вели Груевски.
Тој за „Ди Пресе“ го потврдува неговиот став дека Заев му соопштил дека материјалите ги добил од странски служби.
– Поранешниот директор на ДБК од времето на Социјалдемократите, Зоран Верушески, соработувал со двајца вработени во Министерството за внатрешни работи. Двајцата соработници признаа дека биле ангажирани од страна на Верушески и странските служби во изминатите четири години за пари. Верушески не го објави името на странските служби, додава премиерот.
Во однос на содржината на аудио снимките претседателот на Владата посочува дека тие се сечени и прилепувани.
– Аудио снимките се монтирани и сечени со цел да се изврти реалноста. Апсолутно верувам во тоа. Заев ги прикажува режираните снимки на своите прес конференции презентирајќи ги во погрешен, лажен контекст, истакнува премиерот Груевски во интервјуто.
Во поглед на медиумите, Никола Груевски вели проблемот бил што медиумите биле или со власта или со опозицијата а многу малку имало неутрални медиуми во Македонија.
Одговарајќи на прашањето за политичката криза, бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата и секојдневните протести, и за тоа дали е подготвен за оставка за нов почеток, Груевски одговара:
„Однадвор тоа изгледа поинаку. Протестираат 50 до 100 луѓе од кои повеќето работат во јавната администрација во општината во која Зоран Заев е градоначалник“.




