Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез вели дека Федерацијата е загрижена за состојбата на медиумите во Македонија, за која повикувајќи се на извештаите на Европската Комисија, Фридом Хаус и Стејт департментот, тврди дека е во опаѓање.
– Дојдов во Македонија да ги споделам нашите погледи. Загрижени сме за медиумските слободи во Македонија. Извештаите на Стејт департментот, Европската Унија, Репортери без граници покажуваат дека слободата на изразување опаѓа. Загрижени сме и за притисокот врз поедини новинари. Вчера се сретнав со новинарот Томислав Кежаровски, се разбира во неговиот дом. Забележав дека е многу силен и дека има верба и верувам дека е тоа така зашто знае дека е невин. Им кажав на министрите Фатмир Бесими и Иво Ивановски дека со такви обвиненија во Европа не би смеело да се затвори новинар – рече Гутјерез.
Како точка на загриженост за медиумските слободи во Македонија тој ја посочи и состојбата со владините кампањи.
– Ги замолив Ивановски и Бесими да го споделат Извештајот што го напишаа и го доставија до Европската комисија за тоа каде се емитуваат владините кампањи. Таа информација не е само право на новинарите, туку и на сите граѓани на Македонија – додаде Гутјерез.
Според Гутиерез, дополнително отежителна околност за медиумските слободи во Македонија е и тоа што многу новинари работат без договори, платен одмор и осигурување.
– Ситуацијата според извештаите напредува во Србија и во Хрватска, а во Македонија опаѓаат слободите. Владата треба и може да влијае на тоа. Таа може да изигра улога за да не се користи рекламирањето како алатка за цензура – вели Гутјерез.
Тој истакна дека министерот Иво Ивановски признал дека има простор за подобрување на медиумското законодавство.
– Му кажав на Ивановски дека медиумските закони не треба да се пишуваат против новинарите, туку заедно со нив, со директно учество на новинарите. Министрите ја прифатија состојбата дека може да направат подобрување, а Ивановски рече дека е спремен да разгледа конкретни идеи. Тој додаде дека прифаќа дека интернет медиумите и печатот треба да се саморегулираат, но истакна дека сопствениците не сакаат саморегулација – рече Гутјерез пренесувајќи ги заклучоците од средбите со министрите.




