Во февруари 2015 година Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, а воедно и лидер на најголемата опозициска партија, откри дека 20 илјади граѓани биле илегално прислушувани во период од повеќе години, почнувајќи од почетокот на 2011 година. Меѓу нив имаше и владини и опозициски претставници, академици, странски дипломати, граѓански асоцијации, новинари и други. Овие разговори открија корупција во владата, изборни нерегуларности, политички акти на одмазда, и прикривање на убиства кои се случиле во текот на 10 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Хафингтон пост во текстот под наслов „Македонија: Пад кон автократија“.

Во текстот хронолошки се редат настаните од објавувањето на тнр. „бомби“, преговорите, Договорот од Пржино, формирањето ан Специјалното јавно обвинителство, и на крајот аболицијата од претседателот Иванов „за 56 индивидуалци кои беа обвинети (или допрва треба да бидат обвинети) во најсериозните случаи од прислушуваните разговори за изборни измами, прикривање на убиства и корупција“.

– Оваа колективна аболиција го вклучуваше и Никола Груевски (со пет аболиции), Гордана Јанкуловска, поранешен министер за внатрешни работи (со 13 аболиции) и Миле Јанакиевски, поранешниот министер за транспорт и врски (со 16 аболиции). Изгледа, претседателот Иванов бил под силен притисок од тимот на Груевски да ги потпише аболициите, што пак предизвика масовни протести насекаде низ државата, пишува весникот, потсетувајќи на тврдењето ан Иванов дека се работи за теорија на „меѓународен заговор“.

– Политичарите во балканските земји, воопшто, се познати за манипулирање на јавноста со вакви сценарија на „теории на заговор“, најчесто убедувајќи дека сите проблеми се „увезени“ однадвор. Но таквите маневри на политичарите функционираат добро во регионот, каде етно- политиката и етно- национализмот се уште се доминантни сили во политичкиот пејзаж. Играњето на картата на „меѓународен заговор“, заедно со се уште доминантната етно-политика во македонското мултиетничко и мултикултурно општество, е најдобар начин да се сврти вниманието од овој голем скандал во кој се опфатени неколку силни политички фигури, пишува во текстот.

Исто така се посочуваат и ставовите на ЕУ и на американскиот Стејт департмент дека претстојните избори во Македонија закажани за 5 јуни нема да бидат меѓународно признаени, доколку претседателот Иванов не ја повлече аболицијата и да му дозволи на македонскиот правосуден систем да ја врши својата работа.

– Времето на прикривање на политичката корупција, теориите на заговор што ги манипулираат широките народни маси и непотизмот изминува на Балканот. Зајакнуваат силите спремни да се борат против овој стар канцер и да ги поведат нациите кон владеење на правото како предуслов за просперитет. Македонската актуелна криза не е од оние “предизвикани од надвор“, туку е попрво заради мрежата на корумпирани високи политичари што се плашат дека може да одговараат пред законот. Со најновиот развој на настаните, ова се чини дека е токму така, коментира Хафингтон пост.