Како што објави денес Алсат-М ,  лидерите на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, добиле писмо од Јоханес Хан во кое тој ги повикува повторно да седнат на преговарачката маса.

Веќе десетина дена се поставува прашањето зошто Европската комисија, ко-автор на Пржинскиот договор, толку громогласно молчи кога станува збор за негативниот развој на настаните во Македонија, особено откако беше откажана средбата во Виена. Бриселските извори на НОВА тврдеа, во текот на минатата недела, дека комесарот  Хан и неговата екипа (која беше во посета на Скопје пред неколку дена заедно со претставници на шефицата на европската диплонатија Федерика Могерини) размислуваат што да предложат за да можат политичките партии да се вратат на преговарачката маса и да продолжат со исполнување на реформите за избори но и да се договорат да почне исполнувањето и на итните реформски приоритети запишани во документот на Прибе.

Според информацијата на Алсат-М комесарот одлучил да се врати на старата стратегија за преговори во недостиг на пооригинални идеи.

Во првите реакции по откажувањето на преговорите во Виена и аболицијата на Иванов, преку соопштение Хан и Могерини им дадоа поддршка на мирните протести во Македонија кои земаа замав во земјата.

Висок дипломатски извор на НОВА од една земја членка тврди дека за Македонија ќе мора да има нов политички договор.

“Јасно беше уште во февруари дека работите во Македонија не се одвиваат според планот од Пржино и дека еден ден ќе мора да има нов политички дијалог”, вели нашиот извор.

Заканите за санкции, според нашиот извор, ќе помогнат владеачката партија да донесе одлука за враќање на преговори. Брисел се надева дека во текот на оваа недела ќе има напредок и очекува чекор од претседателот со  повлекување на одлуката за аболиција.

„Страните повторно да почнат дијалог и неопходно да најдат компромисно решение. Да се спроведат сите реформи, да се прочисти избирачкиот список заедно со реформите во медиумите. Изборите неопходно е да бидат сеопфатни…“, е содржината на писмото од Брисел испратено преку амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Но, во моментов не сакаат да реагираат на овој повик во кој комесарот барал и омекнување на ставовите и компромис за излез од политичката криза.

Според Брисел, решението на кризата мора да биде институционално но признаваат дека мирните протести можат да помогнат лидерите побрзо да ја донесат одлуката за повторни преговори и да бидат поконструктивни.