Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХК) го поздрави нивото и начинот на кој се образложени констатациите од Секторот за програмски работи при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги во последниот извештај, и велат истиот треба да служи како пример за сите институции кои имаат задача да спроведуваат мерки против говор на омраза во медиумскиот простор.
– Од аспект на заложбите против користењето и ширењето на говор на омраза, истакнуваме дека Секторот за програмски работи во своите констатации покажа висок степен на познавање и стручност во примената на материјалното национално и меѓународно право како и во примена на праксата на Европскиот Суд за човекови права, а во врска со говорот на омраза, се вели во соопштението на ХК.
Оттаму сметаат дека исходите се исклучително важни за едно демократско општество какво што се стреми да биде македонското општество.
– Оваа задача за институциите може да се оцени како приоритетна доколкусе земе предвид високиот степен на хомофобични содржини и користењето и ширењето на говорот на омраза во медиумите во Македонија во последните неколку години. Секторот за програмски работи при Агенцијата за медиуми, со овој извештај, укажа на тоа дека е возможно да се спроведе правда, во случај кога треба да се извршат одредени мерки против медиумите, кои не смеат да бидат имуни на санкција, нотира Комитетот.
Согласно со тоа Секторот за програмски работи, дава предлог до директорот на АВМУ:
„Писмено да му укаже на Трговското радио-дифузно друштво КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје, дека со изјавите и ставовите искажани од Миленко Неделковски во изданијата на неговите емисии „Миленко Неделковски Шоу“, емитувани на 15, 22, 29 јануари и 5 и 12 февруари, 2016 година поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација со што го прекрши членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.“
Спротивно на оваа пракса која АВМУ ја прокламираше со Извештајот, Основното јавно обвинителство (ОЈО) не го третира користењето и ширењето на говорот на омраза од страна на Миленко Неделковски.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права и ЛГБТИ Центарот за поддршка уште одамна и во многу наврати алармираа за говорот на омраза и посебно за хомофобичните содржини кои ги шири Неделковски во своето шоу.
Против него досега се поднесени три кривични пријави за кривични дела Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост член 319 ст. 1 од КЗ на РМ, Ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем член 394-г ст.1 од КЗ на РМ и кривично дело Расна и друга дискриминација чл.417 ст.1 од КЗ на РМ. Досега ОЈО има постапено единствено по последната кривична пријава, но и во овој случај ОЈО Скопје не утврдува елементи на говор на омраза.




