Хелсиншкиот комитет повикува на брза реакција од страна на надлежните институции по повод вчерашниот напад над малолетни граѓани од македонската етничка заедница во автобус бр. 65 од страна на маскирана група во скопско Стајковци кој ја вознемири јавноста.
Оттаму сметаат дека особено загрижуваат вестите за реакцијата на месното население и основите за меѓусебни судири и одмазда на етничка основа помеѓу македонската и албанската етничка заедница.
„Овие податоци укажуваат на меѓуетнички пресметки кои би можеле потенцијално да ескалираат во насилство од поголеми размери помеѓу граѓаните во овој дел на Скопје“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет во изминатиот период во повеќе наврати алармираа во јавноста и до институциите за зачестеноста на меѓуетничките пресметки помеѓу младите луѓе, како и за занемарувањето на овој факт од страна на надлежните институции, „особено бидејќи станува збор за инциденти и злосторства сторени од омраза на етничка и религиска основа“.
Од Комитетот соопштуваат дека загрижувачки фактор е што станува збор за четврт случај за две недели, каде физички се пресметуваат младите од различни етнички групи.
– Комитетот ги истражува случаите на насилство базирано на етничка и религиозна основа во изминатите 9 месеци и констатира дека истите се случуваат поради етничката нетрпеливост и нарушените етнички односи кај помладата популација.
Според нивните податоци, кај овие злосторства е забележан драстичен пораст или поточно во последните девет месеци евидентирани се повеќе од 90 инциденти и физички пресметки на етничка основа.
Оттаму бараат одговорните институции да го променат „наивниот пристап“ во постапувањето по овие инциденти и јавно да известуваат колку од нив добиваат епилог, односно колку од насилниците се познати и достапни на органите на прогонот и колку од инцидентите добиваат судска завршница.
Комитетот со жалење констатира дека веќе подолг временски период насилството не се санкционира и станува алатка за пресметување на младите особено во јавниот простор. Поради горенаведните причини, утрешниот Марш на толеранција ќе биде посветен токму на барање од Владата и институциите да го спречат насилството и да им овозможат на граѓаните право на живот ослободен од насилство од било каков вид.



