Значителен дел од фокусот на работењето на Хелсиншкиот комитет во последните два месеци беше посветен во делот на бесплатната правна помош за лица на кои им се прекршени правата од областа на социјалната заштита, како и повреда на правата во постапката за остварување на правото на инвалидска пензија.
Постапувајќи по барања на граѓаните, надлежните органи во најголем случај носат решенија со кои неосновано се одбиваат нивните барања. Од увидот во повеќе решенија кои ни беа доставени, воочливо е дека се даваат нецелосни и паушални образложенија со кои се одбиваат барањата како и повторување на истите формулации без да се земе предвид конкретната фактичка состојба по која треба да се одлучува.
Во еден од случаите, на корисник на инвалидска пензија одобрена со привремено решение, кој се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба, при задолжителниот контролен преглед пред Комисијата за задолжителен контролен преглед, без никакво образложение е констатирано дека не постои ни општа ниту професионална неспособност за работа заради остварување на право на инвалидска пензија, односно дека странката е способна за вршење на работа, се вели во двомесечниот извештај на Хелсиншкиот комитет.
Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала – Струмица со решение констатирала дека не се исполнети условите за продолжување на правото на инвалидска пензија. Притоа, Наодот, оцената и мислењето воопшто не соодветствува со фактичката состојба, односно со здравствената состојба на засегнатото лице. Не само што од првичниот преглед кога на лицето со привремено решение му е одобрено правото на инвалидска пензија – таа не е изменета, туку во меѓувреме неговата здравствена состојба е влошена, за што лицето поседува и комплетна медицинска документација, која ја приложил како доказ.
Дополнителен проблем е и тоа што странката е на 59 годишна возраст, со засметан 33 годишен работен стаж, и не е во можност повторно да се вработи.
Хелсиншкиот комитет обезбеди бесплатна правна помош со изготвување на жалбата до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што се чека на одлуката од Второстепената комисија.
Според комитетот загрижува фактот што овој случај не е изолиран и станува редовна пракса на постапување на надлежните институции кои одлучуваат за остварување на правата од областа на социјалната заштита. Се отфрлуваат барањата на граѓаните без никаква поткрепена аргументација, со конфузни и најчесто слични образложенија, иако се работи за различни случаи.
Рестриктивноста и ригидноста на ваквата социјална политика најмногу ја чувствуваат социјално-ранливите категории на граѓани, кои се вовлечени во административниот лавиринт без никаква поддршка и заштита од страна на надлежните институции, заклучуваат од Хелсиншкиот комитет.




