Уште во 2011 година, во преговорите со Бирото за развој на образованието, ХЕРА ја прифати идејата да се направат надополнувања, односно да се обезбедат прирачни материјали за наставниот кадар, во рамки предметот Образование за животни вештини, реагираат од ХЕРА по отфрлањето на нивната иницијатива за сексуално образование во образовниот процес од страна на министерот Спиро Ристовски. Еве ги нивните аргументи:
– Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изразија позитивно мислење за развој на учебник со којшто ќе се подбори наставата за Образование за животни вештини.

– Учебникот беше изготвен во согласност со методологијата на предметот Образование за животни вештини. Дополнително, беше земена предвид Рамката за сеопфатно сексуално образование, во чија изработка учествуваше и МОН.
>>Министерот Ристовски не поддржува сексуално образование
МОН и Министерот Ристовски, според претходните упатствата се известени за изготвениот материјал и е побарано мислење, во два наврати, во април и јуни оваа година. ХЕРА од тогаш до денес, од БРО, доби писмо со кое сме упатени да почекаме на мислење од МОН. Ова е главна причина што учебникот досега не беше промовиран во јавноста и зошто ја инициравме петицијата, потенцираат од ХЕРА.
Оттука не е јасна изјавата на Министерот дека денес првпат слуша за барањата од петицијата. Уште повеќе не може да се разбере фактот дека Ристовски има согледувања за содржината на учебникот и дава критички осврт на неговите содржини. Затоа бараме да ни достави официјален одговор и секако да ја сподели рецензијата на која се повикува, особено да ги аргументира обвинувањата „за експлицитни содржини и несоодветноста за возраста на децата“.

Во Акционен план за намалување на матернална, перинатална и доенечка смртност за 2013-2014 година, усвоен оваа пролет од Владата на РМ предвидена е активноста: Ревизија на постоечката наставна програма “Животни вештини“ со теми од областа на сексуално и репродуктивно, потсетува ХЕРА.




