Сеопфатното сексуално образование е препорачана мерка за подобрување на здравјето на младите, на мајките и на целото население во три национални здравствени стратегии усвоени од Владата на РМ. Сите предуслови за воведување на ваков предмет се остварени, сметаат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.
Оттаму истакнуваат дека по истражувањата, насоките од стручната јавност како да се воведе, истакнати во Рамката за сеопфатно сексуално образование, препораките на собраниската Комисијата за еднакви можности за пилотирање на ваков предмет, готовите прирачни материјали за наставниците, како и Декларацијата потпишана од 48 невладини организации, се уште нема конкретни мерки за подобрување на пристапот до информации за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата во Македонија.
Затоа, ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ги повикува граѓаните да се потпишат на петицијата во од Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски се бара да се преземат следниве мерки:
– направете ревизија и осигурајте целосна примена на предметот образование за животни вештини преку редовна инспекција на наставата
– прифатете го прирачникот за сексуално и репродуктивно здравје подготвен од ХЕРА и обезбедете обука на наставниците
-формирајте работна група која ќе подготви план за системско воведување на предмет според упатствата од Рамката за сеопфатно сексуално образование.
Тимот на ХЕРА ќе собира потписи од 3 до 5 октомври, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, од 11.00 до 16.00. Потпишувањето на петицијата на интернет е возможно преку hera.org.mk.




