Панче Тошковски секако е во небрано – ако некој во самото министерство можел, случајно или намерно, да му смести таков скандал без тој да знае, министерот би морал веднаш да понуди оставка бидејќи очигледно нема никаква контрола и не знае што се случува во МВР. Утре некој може одвнатре да му изведе и друг сличен „хибриден напад“, да му направи и посериозна, безбедносна или поинаква местенка.
Жарко Настоски
Кој и да го нарачал попот во МВР, не можел да не знае какви ќе бидат реакциите. Не можеле организаторите на таквиот обред да не бидат свесни колку тој е несоодветен, неприфатлив во државна институција, каде што работат и муслимани и католици и евреи и атеисти и будисти.
Од цела Европа во најширока географска смисла, само во Русија пред некоја година и кај нас пред некој ден, се има случено полицијата да викне свештеник од една вера за да благословува државни возила, купени со парите на граѓаните од сите вери и невери. Дури ни во Путинова Русија, пак, се нема случено верски обред да се изврши во законодавен дом, како ланската молитва за жртвите од Сребреница во нашето Собрание.
Тие удари врз секуларното уредување, нанесени на многу чувствителни места – во Парламентот и во полицијата, институции што не мора ни да постојат ако не ги третираат сите граѓани како еднакви, ги подриваат самите темели на државата и тоа воопшто не е преувеличување.
Во последниот случај, свештеник ги прскаше со осветена вода штотуку набавените полициски автомобили „пежо“ и мотоцикли „пјаџо“, во присуство на неколкумина полицајци сообраќајци, а фотографиите од верскиот обред во дворот на Министерството за внатрешни работи беа објавени на Бадник. Што е пораката кога оние што ги плаќаме да нè штитат, и самите бараат божја помош? Дека ни нема спас.
Африм Гаши пред година и пол не одговараше, а и сега веројатно нема да одговара никој со функција доволно висока за сериозноста на таквото кршење на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ, која остро реагираше дека со организираната муслиманска молитва „се создаваат непотребни конфликти и поделби“ и бараше одговорност од тогаш тазе именуваниот собраниски спикер и коалициски партнер, сега воопшто не го коментира христијанскиот обред во МВР. Партиите на Албанците во власта, кои тогаш, што би рекле тетовци, „траеја и праеја“, сега се исправени одлучно на браникот на секуларноста и демократијата.
А, сепак, од спремноста со која и тогаш и сега скокнаа дежурните кавгаџии од двете страни, се насетува дека и покрај привидот на судир во самата власт, таквото десничарење, силењето кон „другите“ за да се задоволат ниските страсти на „своите“, всушност им одговара на сите во власта.
Што може сега да открие истрагата на Внатрешната контрола за верскиот обред во МВР? Ќе казнат полицајци што се нашле на сликите или биле дента на смена, веројатно и некој понизок функционер. Ќе подготват објаснување дека тие, во безбедносна институција со цврста и строга командна структура каква што е МВР, на своја рака, без да ги консултираат надредените, одлучиле да го повикаат свештеникот и да сликаат додека тој ги благословува новите коли.
Панче Тошковски секако е во небрано – ако некој во самото министерство можел, случајно или намерно, да му смести таков скандал без тој да знае, министерот би морал веднаш да понуди оставка бидејќи очигледно нема никаква контрола и не знае што се случува во МВР. Утре некој може одвнатре да му изведе и друг сличен „хибриден напад“, да му направи и посериозна, безбедносна или поинаква местенка.
Другата можност веројатно би била уште понезгодна за Тошковски. Кога би знаел дека се организира верски обред во МВР и би го дозволил, импликациите се посериозни – дека тој можеби свесно би учествувал во популистичка пропагандна претстава, во која верските чувства на граѓаните би биле само евтин потрошен материјал за дневнополитичка експлоатација.
Во секој случај, кој и да го нарачал попот во МВР, не можел да не знае какви ќе бидат реакциите. Не можеле организаторите на таквиот обред да не бидат свесни колку тој е несоодветен, неприфатлив во државна институција, каде што работат и муслимани и католици и евреи и атеисти и будисти. Што останува како опција, освен тоа дека некој, од некоја причина што не може да биде убава, намерно го извел и го пласирал во јавноста скандалозниот чин, баш за време на божиќните празници? Има ли вистински, искрен православен верник што би се израдувал на таква вест, знаејќи дека реакциите и тензиите околу неа може да ги засенат и расипат божиќните чествувања?
Ако ова што наликува на „хибриден напад“ однатре врз секуларната држава, на некој начин свесно доаѓа од власта, со десните популисти е тешко да се биде начисто за причините. Можеби конечно нашле нешто за што можат да кажат дека го направиле само тие и Путин. Може создаваат слика дека цврсто ги држат во рацете симболичните маркери на „македонската“ суштина на државата? Може нè спремаат полесно да ја прифатиме „надградената и проширена“ веронаука во државните училишта што ја најавува министерката за образование? Да се привикнуваме полека на свештенството и на верските мотиви во државниот амбиент – како жабата што се грее во лонец на тивко?
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




