Хирурзите отсега ќе оперираат според протоколи кои се документирани и ставени во
„Оперативна „Check“(проверка)листа за безбедна хирургија“, која веќе е објавена во Службен весник на РМ.
Станува збор за воведување на Национални стандарди во кои низ 10 цели се опишани постапките на тимот за време, пред и после операцијата, велат во Министерството за здравство. Тоа се вообичаени постапки кои досега хирурзите ги применуваа, како да внимаваат да не заборават газа на пример,или да не оперираат лево наместо десно уво, но овој пат тие се верифицираат во документ од кој може да произлезат казни доколку не се применуваат. Документот пред операцијата треба да го потпише и хирургот и пациентот.
-Од документот ќе произлезат и законски обврски, а при инспекциски контроли лесно може да се утврди дали медицинскиот тим постапил правилно во сите дадени ситуации во текот на оперативниот зафат. Постојат 70 места во текот на операцијата каде што може да се направи грешка, изјави академик Живко Попов кој е дел од тимот кои ги изработија овие протоколи.
Нема податоци колку лекарски грешки годишно се прават во Македонија. Податоците говорат дека кај 8 до 12 проценти од пациентите имале компликации од грешки на хирурзите. Половината од нив можеле да се избегнат. Еден милион луѓе годишно умираат токму како последица од овие комликации.




