Кампањата „Македонија има љубов за сите“ имаше рекордна посетеност на интеренет страницата и на профилите на Фронт Лајн Дифендерс, а изврши и силно позитивно влијание преку радио емитувањата пошироко во општеството, оценува Хелсиншкиот комитет.
Креирањето на оваа позитивна атмосфера и споделувањето на позитивни пораки допринесе оваа година Маршот за толеранција да помине мирно и без инциденти, што и беше крајна цел на кампањата.
За жал неколку радија и веб портали (радио Фортуна, радио Вати и веб порталот Алмакос, радио Антенна 5, радио Буба Мара и Македонско радио) одбија да ги емитуваат аудио џингловите заради нивната содржина (повикување на ненасилство и еднаквост за ЛГБТИ луѓето).
Наместо одбрана, претседателот на Советот за радио дифузија го израмни движењето за човекови права со пчеларство, небулоза која целосно го разоткри неговото непознавање и несоодветност за позицијата на која е именуван. Сето ова укажува на уште долг пат кој треба нашето општество да го изоди, најнапред кон препознавањето, а потоа и кон заштита на сите луѓе за да ги уживаат универзалните човекови права, стои во последниот ивештај на Хелсиншкиот комитет.
На 16 ноември, 2013 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка во соработка со уште четиринаесет други невладини организации, по петти пат го организираа Маршот на толеранцијата одлучувајќи заедно да му кажат НЕ на насилството кое станува дел од секојдневието на нашето општество.
Хелсиншкиот Комитет испрати писмено барање до Советот за радиодифузија за потврда со која што ќе се овозможи пристап за бесплатно емитување на кампањата на радио програмските сервиси т.е. потврда дека кампањата Македонија има љубов за сите е кампања од јавен интерес.
Во одговорот што беше вратен на барањето за потврдата, Советот за радиодифузија одговори дека е надвор од нивна надлежност да даваат било какви сугестии или мислења за програмските содржини наменети за радио емитување пред да бидат емитувани на програмите на радиодифузерите (радио станиците). Тие наведуваат дека радиодифузерите се независни во креирањето на својата уредувачка политика и сами одлучуваат кои содржини ќе ги емитуваат.
Во ноември, посебен интерес за ЛГБТИ заедницата во Република Македонија предизвика одржувањето на петтиот по ред Марш на толеранцијата, со кој официјално се заврши и круниса кампањата “Македонија има љубов за сите“, организирана од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија (МХЦ), а со поддршка од Front Line Defenders (ФЛД).
Меѓутоа, медиумскиот интерес кој го предизвика овој настан на крајот сепак не можеше, а да не падне во сенка на повторното медиумско сензационализирање, искривување на факти и селективно прикажување на информации. Имено, во текот на самата кампања (пред најавувањето и одржувањето на Маршот), постоечкото медиумско покривање, иако лишено од вниманието на најголемиот дел од националните телевизиски медиуми, беше направено главно етички, неутрално и урамнотежено.
Еден друг медиум даде и политичка класификација на настанот, тврдејќи дека “во одбрана на геј популацијата“застанале повеќе мали невладини организации, идеолошки блиски до опозицијата, како и дека “меѓу хомосексуалците и бисексуалците беа и новинари вработени во опозициските портали“. Со овој чекор, споменатиот медиум повторно ја дезинформира јавноста, политички обојувајќи и дискредитирајќи го целиот невладин сектор во РМ, повторно ги понижува и се потсмева со ЛГБТИ луѓето во Македонија, претставувајќи ги како негативниот компаратор помеѓу кој биле и “новинарите вработени во опозициските портали“, стои во извештајот на Хелсиншкиот Комитет.
При медиумското покривање на говорот на омраза кој членот на жирито на емисијата “Х фактор“, Жељко Јоксимовиќ, го упати кон транс жената Фифи, од Хелсиншкиот забележуваат една многу интересна ситуација.
Имено, иако медиумското покривање е направено на воглавно етичен и неутрален начин, сепак главна карактеристика на речиси сите статии кои ја обработуваа темата е елементарното непознавање на поимот “родов идентитет“. Најголемиот дел од националните медиуми за натпреварувачката Фифи пишуваа во машки род, освен во случаите кога цитираа делови од писмените реакции на здруженијата за заштита на правата на ЛГБТИ лицата во Србија, па така можеме да видиме статии во кои се користат и машкиот и женскиот род при пишувањето за Фифи, создавајќи една конфузна ситуација во која секој читател би се загубил, стои во извештајот на Хелсиншкиот Комитет за ноември и декември.




