Заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, е во посета на Македонија денеска и утре. Ова е негова прва посета на државата откако го наследи Филип Рикер на функцијата во ноември 2013 година.
Ји, придружуван од амбасадорот Пол Волерс, ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со лидерите на владеачките и опозициски партии и со претставници на медиумите и на цивилното општество.
Од ДУИ најавуваат дека средбата на Хојт со лидерот Али Ахмети ќе биде суштинска за одлуката дали да поддржат, освен претседателски, да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Тема на разговор на овие средби ќе бидат политичките случувања на домашен и на меѓународен план, вклучувајќи ги и односите САД-Македонија, регионалната стабилност и евро-атлантската интеграција на Македонија.




