Група хонорарци во моментов поднесуваат барања за информации од јавен карактер до Министерството за труд и социјала, во знак на револт поради новите законски измени за плаќање данок, јавува репортерката на НОВА, Славица Филиповска.
Уметници, новинари, и хонорарци од различни сектори велат, ваквиот закон дополнително удира по грбот на хонорарецот.
– Тука сме да го прашаме ресорното Министерство, дали доколку имам хонорарен ангажман од три дена, придонесот за здравствено осигурување ќе се однесува само на тие три дена?, праша Дејан Лутовски од Левичарското движење „Ленка“.
Здравко Савевски од „Солидарност“ вели дека ваквиот закон е противуставен и сите хонорарци треба да го прашаат Министерството, зошто толкава бирократија околу овој закон, и што со луѓето кои не земаа хонорари за месец јануари оваа година.
Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис вели дека ваквата акција не е залудна и колку и надлежните да ги игнорираат реакциите на хонорарците, тие ќе продолжат и се надеваат дека еден ден ќе успеат.
Пред Министерството, хонорарците најавија протест за петок 13, бидејќи сметаат дека црниот петок е соодветен пример за тоа колку е се црно во Македонија.




