Од елитен објект до хипотека и извршител – хотелот „Европа“ е два пати продаван, откако претходно изгоре и беше опљачкан. По неисполентите ветувања последната фирма која што го купи за багателни 400 000 евра, сега повторно најавува изградба и тоа напролет
“Фирмата „ Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје “ најавува дека од март ќе започне да го гради хотелот „Европа“ во Отешево, кој се распаѓа откако беше уништен од пожар во 2005 година. Фирмата, во сопственост на арапски бизнисмени ( регистрирана во државата), во 2016 година го купи хотелот за багателни 400 000 евра или само 34 евра по метар квадратен.
Сопственик на„ Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје “ е бизнисменот Салах Абдул Бали заедно со неговите синови кои во државата имаат уште една фирма за гас регистрирана за време на претходната власт. Интересно е, што како купувач на хотелот во 2016 се појави друга фирма “ Глобал инвестмент фонд“, но имотно правниот лавиринт кој се заплетка понатаму, очигледно ниту институциите не можат да го разберат.
НОВА го пронајде претставникот на оваа фирмата, извесен Маан Махмалат, кој потврди дека оваа есен планираат да стават покрив за да се спречи понатамошното распаѓање на објектот кој е во очајна состојба, а на пролет најави дека ќе започне изградбата на хотелот. Најавата беше дека тоа ќе се случи во септември, но месецот помина, а од покривот уште нема ништо.
Махмалат тврди дека на површина од 12 000 метри квадратни, колку што е објектот ќе изградат ексклузивен хотел по проект изработен од проектанското биро„Џони и Џони“ за кој платиле 130 000 евра, а тендерот за изградба вели дека е во тек.
„Планот е сега да ставиме покрив за да не се распаѓа, а од март да се започне со изградба. Објектот ќе чини од 8 до 10 милиони евра и планирано е да се изгради за 18 месеци. Во него ќе има конференциски сали, спа центри, луксузни соби и други содржини“, изјави за НОВА, Махмалат.
Дали конечно елитниот хотел „Европа“, кој стана руина откако изгоре под сомнителни околности, а подоцна беше два пати препродаван, ќе го добие првобитниот лик и ќе почне да привлекува туристи во овој дел на Преспанското езеро или пак и ова само едно лажните ветувања.
Во Општина Ресен велат дека имаат понуди од други инвеститори, но неможат ништо да превземат бидејќи ситуацијата е статус кво три години, откако фирмата го купи хотелот.
„ Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје “ (односно “Глобал инвестмент фонд“ фирмата за која првично беше кажано дека го купила објектот),почетокот на изградбата го најавуваше во септември минатата година, но како што рече Махмалат, „поради одредени проблеми“ тоа не го сториле.
Нејасно е, каква е поврзаноста на овие две фирми од Арапските Емирати и кој е всушност вистинскиот сопственик на објектот. Махмалат тврди дека сопственикот Салах Абдул Бали на„ Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје “ имал удели и во “Глобал инвестмент фонд“, фирмата за која ипрвично известија дека го купила објектот.
НОВА на 23 јули годинава испрати прашања до “Глобал инвестмент фонд“ од Емиратите, но одговор до ден денес не добивме.
Махмалат, кој долги години живее во Македонија и посредувал во зделката, тврди дека од Општина Ресен добиле дозвола за реконструкција, а во Министерството за транспорт и врски пред 7-8 месеци поднеле барање да го купат земјиштето на кое што лежи хотелот, како и дворната површина, а сакаат да ја купат и плажата пред хотелот.
Од елитен објект до хипотека и извршител – хотелот „Европа“ е два пати продаван
Арапските бизнисмени раскажаа дека хотелот „Европа“ го купиле за 400 000 евра од Николина Ивановска, извршител од Битола. Како дошол во рацете на извршител, не знаеја да објаснат.
НОВА, ја побара Ивановска да објасни како хотелот стигнал до извршител, но таа веднаш настапи со вербален напад, грубо викање и навреди. Иако и беше објаснето дека се јавуваме по препорака на купувачот на објектот и дека е во интерес на јавноста да се разјаснат работите, дека разговорот не се снима (како што обвинуваше) и не може да се снима без нејзина дозвола, вербалниот напад продолжи, така што не добивме никаков одговор, ниту усно, ниту писмено.
Зошто извршителот Ивановска толку се вознемири од нашето јавување за да започне со вербален напад и навреди врз новинар, останува само да погодуваме.
За да се состави донекаде мозаикот треба да потсетиме дека ова не е прва продажба на елитниот хотел кој изгоре под неразјаснети околности. На 6 јуни 2006 година во време на екс министерот за транспорт и врски Џеамил Мехази, за само 1 евро по метар квадратен беше продадено градежното државно земјиште наменето за туристички стопански коплекс од висока категорија. Купувач беше, како што се претставуваше во јавноста, португалската „ АкваПура Хотелс, Вилас и Спа ДООЕЛ Ресен “ која за тоа платила 24. 764 104 денари или 399.421 евра.
Што се случило после тоа, зошто инвеститорите ги снема, инволвираните институции одбегнуваат да одговорат. Првично, од Министерството за транспорт и врски, неофицијално потврдија дека во 2010 година во време кога Миле Јанакиевски беше министер, констатирале дека таму нема урбанистички план, па била поднесена тужба и било побарано договорот да се поништи. Неофицијално, откако министерството го добило спорот, договорот бил поништен, а парите биле вратени на фирмата „АкваПура Хотелс, Билас и Спа ДООЕЛ Ресен. “
Како хотелот стигнал до извршител, нема објаснување. Претпоставка е дека објектот бил ставен под хипотека во банка.
Токму тука застанаа и одговорите од Министерството за транспорт и врски. По неколку усни, но прецизни објаснувања, од таму одеднаш побараа прашањата да бидат пратени писмено и по чекање од десеттина дена стигна одговор во кој на секое прашање одговараат дека не располагаат со информации за дадениот објект. Сепак, на последното прашање дали имаат добиено барање за откуп на државното земјиште на кое се наоѓа хотелот од португалската фирма, од таму одговорија потврдно.
„Во 2006 година правниот субјект АкваПура Хотелс, Вилас и Спа ДООЕЛ Ресен има побарно откуп на државно земјиште во општина Ресен“, се вели во краткиот одговорот од Министерството за транспорт и врски.
Во Општина Ресен потврдија дека согласно Договорот за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба помеѓу државата и Министерството за транспорт и врски (министер Џемали Мехази) и „Акуапура хотелс вилас и Спа ДООЕЛ Ресен“под бр.22-8575 од 06.06.2006 година, вредноста на продадениот имот во локалитетот Отешево- Царина е 24.764.164,00 денари. За тоа бил платен данок на промет во износ од 742.385,00 денари со Решение на Градоначалникот на Општина Ресен бр.08-1366/1 од 14.07.2006 година.
Од Општина Ресен велат дека подоцна во 2016 година објектот е купен од извршител Николина Ивановска, а најповолен понудувач била фирмата „ Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје“.
„Согласно Заклучокот за извршена продажба на недвижност (врз основа на член 175 став 7 од Законот за извршување) од извршител Николина Ивановска со И.бр.652/15 од 25.04.20106 година, како најповолен понудувач е избран „Греен Скопенергу ДООЕЛ Скопје“ со цена од 23.960.000,00 денари, за што е платено данок на промет во износ од 718.800,00 денари со решение на Градоначалникот на Општина Ресен бр.15/16-8445 од 17.05.2016“, се вели во одговорот од Општина Ресен.
Како и под кои околности се купувал и продавал грандиозниот, но руиниран објект, дали се продавало и државното земјиште, зошто бил даден под хипотека, кои се луѓе се инволвирани во продажбата и купувањето, се прашања на кои институциите и должат одговор на македонската јавност.
Како елитниот хотел „Европа“во Отешево стана руина
Хотелот „Европа“ беше е еден од најубавите хотели во државата, изграден на срт со поглед кон езерото. Беше лоциран веднаш до хотелот „Југославија“ каде што всушност започна пожарот, наводно поради вклучени две фритези, а пламените јазици се проширија и на „Европа“. Со уништувањето на овие објекти замре и туризмот во ова некогаш многу познато и посетувано летувалиште.
Ресенчани се уште со носталгија се сеќаваат на тие времиња и со горчина зборуваат за сомнежите дека наводно, хотелот можеби бил намерно запален. Се шпекулира и со повеќе имиња и големи суми исплатени од осигурувањето. Тогаш за пожарот беа обвинети готвачот и шефот на кујната кои знаеле дека двете фритезите функционирале без термостати, но не превземале ништо.
Македонската јавност не виде завршница од истрагата и обвинение за овој случај .
Во септември 2005 година медиумите известуваа за пожарот во хотелот „Југославија“кој беснеел шест часа во текот на ноќта се до седум часот изутрина и при тоа ги зафатил и рестораните и помошните простории во „Европа“. Првично, материјалната штета беше проценета на повеќе од половина милион евра.
Медиумите тогаш информираа дека полициските екипи констатирале дека пожарот всушност избувнал во просториите каде што била целокопната документација, каде што се водело книговодството.
Повеќе информации за овој случај понатаму немаше. Објектот беше ограбуван, оставен на забот на времето, но и на лакомиот поглед на разни сомнителни фирми зад кои се претпоставува дека е можно да стојат и домашни играчи.
Дали фирмата „Греен Скопенергу ДООЕЛ Скопје“ или “ Глобал инвестмент фонд“, ќе инвестира и ќе го реновира хотелот и ќе привлече многу туристи како што ветуваа, останува да се види многу скоро. Во спротивно, ветувањето дека елитниот хотел кој треба да го врати стариот сјај повторно ќе пропадне во водите на Преспанското езеро, запустено во овој дел, во Отешево.