Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит денеска го посети ЛГБТ Центарот во Старата скопска чаршија каде што се сретна со претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Како што рече самиот, посетата била на негова иницијатива за да им даде поддршка на членовите на ЛГБТ популацијата во земјава, како и на Центарот кој е мета на чести напади.
-Сметам дека петте одделни напади врз ЛГБТ Центарот се шокантни и сторителите не смеат да поминат неказнето. МВР мора да одговори на овие жалби, рече Ховит.
Претседателот на Хелсиншкиот комитет Гордан Калајџиев рече дека на средбата со Ховит се разговарало за состојбите со правата на ЛГБТ луѓето и почитувањето на човековите права.
-Има сериозни проблеми со човековите права иако власта се труди да ги претстави овие проблеми како маргинални и името се претставува како единствено проблем за евроинтеграциите, што не е точно, бидејќи државата има сериозни проблеми со демократијата, истакна Калајџиев.




