Земјите на Унијата се загрижени околу слободата на изразување, медиумите, и состојбите во судтството во Македонија, а европските институции одблиску ги следат состојбите во земјата, соопшти денеска известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит на средбата со партиската делегација на СДСМ, предводена од Претседателот Зоран Заев.
Напредокот на земјата во евро-интегративниот процес беше една од темите на средбата. Се разговараше за позициите на Македонија при што беше акцентирана важноста на периодот што следи, до престојниот Самит на ЕУ во декември.
Известувачот Ховит пренесе дека решавањето на клучните прашања за напредок кон Унијата во овој период би биле од исклучителна важност за конечно приближување на земјата кон ЕУ.
Заеднички беше акцентирано значењето на политичкиот дијалог и беше изразено очекување тој да се продлабочи, особено околу клучните прашања кои се во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани.
Претседателот Заев го акцентираше придонесот на СДСМ во деблокирање на политичкиот дијалог и го повтори ставот дека СДСМ и понатаму ќе биде посветен на прашањата кои се важни за напредокот на земјата.



