„Шаховницата“ ќе биде подлога на сите кованици на хрватското евро, мапа на Хрватска ќе има на монетата од две евра, куната на монетата од едно евро, ликот на Никола Тесла ќе биде на еврокованиците од 50, 20 и 10 центи, а мотив од глаголицата ќе има на кованиците од пет, две и еден цент. Ова беше одлучено на денешниот состанок на Националниот совет за воведување на еврото во Хрватска, пренесува index.hr.
Коментирајќи го влијанието што еврото ќе го има на платите и цените, гувернерот на Народната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ рече дека досега се покажало оти во сите земји, по воведување на валутата, „пораснал стандардот, односно дека платите растеле побрзо од цените“.
– Ако во сите земји било така, нема никаква причина да не се очекува така да не биде и во Хрватска, истакна Вујчиќ.