Министерството за надворешни работи најостро ги осудува вчерашните написи „Македонија е Бугарија”, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието за првата точка на Народното собрание на Република Бугарија, но и усмено пренесени од говорница, за време на истата седница.

„Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот, се вели во реакцијата на МНР.

Република Северна Македонија, вели МНР, очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.

Министерството за надворешни работи врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.