И Египќаните со барање да бидат впишани во македонскиот Устав, ако влезат Бугарите. Барањето е испратено и до претседателот на државата, Стево Пендаровски, до Собранието и до Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје.

Имајќи ја предвид мултикултурната и мултиетничка реалност на Македонија, уставно загарантираните норми со амандманите IV, VI, VII, IX, XI и XVII од Уставот, Египќаните се повикуваат и на меѓународните документи кои Македонија ги потпишала, а некои и ги ратификувала.

„Потсетувајќи дека заедницата на Египќаните во Република Северна Македонија е автохтона на Балканскиот полуостров, со свој артикулиран идентитет и самосвест, со значајни траги во материјалното и духовното културно наследство, како и тоа дека припадниците на оваа заедница, почнувајќи од Илинденското востание (Египаќанецот, Ковачот Мустафа од с. Лактиње ги изработил обрачите за црешовите топчиња), преку Вториот Илинден (голем број на Египќани учествувале во НОБ, а некои и ги дале своите животи), па преку Третиот Илинден (сите припадници на Египаќаните масовно учествуваа на референдумот за независност и самостојност во 1991 година), го дале својот конструктивен придонес кон развојот на нашата држава. Исто така, тогашниот пратеникот Рубин Земон, припадник на заедницата на Египќаните во 2019 година гласаше за уставните измени, како и во 2020 година за влез на Република  Северна Македонија во НАТО алијансата“, пишува во барањето.

Во нацрт амандманот за промена на Преамбулата на Уставот да се внесе и заедницата на Египќаните, односно да стои дел од „египќанскиот народ“. Oва пишува во барањето до македонската Влада, а потпишано од проф. д-р Рубин Земон, универзитетски професор и поранешен пратеник, здружението на Египќаните во Македонија-Пирамида ЗЕМ, Арбен Демироски- претседател, здружение на Балканските  Египќани во Република Македонија, Аднан Ашимоски, претседател и Асоцијација за интеграција на Египќаните „Птах 2013“ Струга, Тони Бичак, претседател.

Претходно се споменуваше дека е можно во Уставот, до Бугарите, да бидат внесени и Хрватите и Црногорците. Но, ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да поддржи со две третини во Собранието да биде изгласано внесувањето на Бугарите во Уставот.