За падот во 2004 година кај Мостар, на владиниот авион „Кингер“, во кој загинаа претседателот на Македонија, Борис Трајковски и осум-члената делегација, ќе дадат исказ и генералите на СФОР кои ја правеле авио-мапата за движење на авионите во Босна и Херцеговина, соопшти денес првиот човек на меѓународната комисија, Омер Кулиќ.
Кулиќ вели, генералите на СФОР ќе треба да објаснат зошто ја направиле таквата воздухопловна мрежа и постапката за полетување и слетување над босанското небо.
Тој потенцира дека изјавите на генералите од СФОР се многу поважни за истражителите отколку евентуалниот нов исказ од двајцата контролори на летање кои биле на работа тој ден.
>> Деновиве детали од истрагата за падот на „Кингерот“
Двајцата воздухопловни поручници од францускиот контингент, два месеци по несреќата беа препратени на други должности, едниот во Франција, а вториот во Африка.
„Во досегашниот тек на истрагата, имаме добиено изјави од сите страни кои ни беа од интерес во Македонија, значи од механичарите на авионот, па се до министерот за транспорт. За брзо време ќе биде изведен и симулаторски лет, кој ќе се базира на сите подататоци кои се однесуваат на текот на летањето пред тој да се урне во ридот над селото Ротимље, близу Мостар. Не сакам да дадат посебен став за досегашниот тек на истрагата, бидејќи тој ќе може да биде погрешно протолкуван во јавноста. Токму јавноста, откако ќе биде завршен целосниот наш извештај ќе има можност да го види преку средствата за јавно информирање“, потенцира Кулиќ.
За октомври се најавува и нова посета на меѓународниот тим што го истражува случајот „Трајковски“ во кој се вклучени експерти од Америка, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.




