Палестинскиот Исламски џихад, сојузник на Хамас, го поддржа одговорот на групата за планот на Доналд Трамп за прекин на војната во Газа.
Одобрувањето на планот од страна на Исламски џихад би можело да го олесни ослободувањето на заложниците што ги држат двете групи во Газа.
Одговорот на Хамас на планот на Трамп го претставува ставот на палестинските фракции на отпорот, а Исламски џихад одговорно учествуваше во консултациите што доведоа до оваа одлука, се наведува во соопштението на организацијата, пренесува Ројтерс.
Планот на САД и одговорот на Хамас го подигнаа расположението кај трауматизираните жители на Газа, која по две години израелски воздушни напади е претворена во урнатини.
Во петокот, Трамп изјави дека верува оти Хамас покажал дека е „подготвен за траен мир“, додавајќи дека товарот на одговорноста сега е на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.