Професионалните војници постари од 35 години се заканија дека ќе кампуваат пред Министерството за одбрана доколку државата не им го реши статусот, јави Телма телевизија.
„Ова е последен пат на ваков начин да излеземе и да бараме решавање на нашиот статус, војници сме и тоа никој не може да ни го оспори. Следниот пат ќе биде во униформа и го продолжуваме чекорот кај што претходно застанаа решените наши колеги, а тоа е пред министерството на една наша соседна држава, па можеби тие ќе имаат слух за нас. Па секој нека види што се случува во нашата држава. Нема да отстапиме во намерите и ќе бидеме се`поостри и поконкретни. Доколку има потреба ќе доаѓаме овде секој ден со нашите семејства или ќе поставиме шатори и ќе кампуваме, се`додека не се реши нашето прашање“, сведочи на Телма Марјанчо Гурбански.
Професионалните војници порачаа и дека нема да дозволат државата да продолжи да купува време и да се поигрува со нивните судбини, бидејќи додека чекаат решавање на статусот, тонат во долгови.
„Ни беа ветувани многу работи. Донесоа закон, од моментот на испуштање до исполнување на условите треба да бидеш три години невработен, а притоа да издржуваш фамилија и да ги плаќаш сите давачки кон државата. За една година што бев невработен ми се створи долг од некаде 2000 евра, којшто после и со наоѓање на приватно вработување не можат лесно да се врата тие пари назад, камоли некој да издржи три години“, реагираше Рубин Николовски.
Зад барањата на професионалните војници застана и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија. Срамно е велат оттаму, државата да се фали со нови вработувања, а професионалните војници со години да молат за работа.
„Секој ден го слушаме премиерот како кажува, 1000, 2000, 15000 вработувања, а за ова бројка од 50-тина луѓе да не најдат начин. Сведоци сме на последните изјави од безбедносните структури дека фалат луѓе, а овие луѓе се спреми во секој момент да стапат во работен однос“, смета Марјан Ристевски, претседател на конфедерација на синдикални организации на МК.
Веднаш по овие објавени реакции во јавноста, министерот за одбрана Зоран Јолевски експресно ги повикал професионалните војници на разговори. Не добиле конкретни ветувања, освен дека ќе ги земе предвид нивните барања и за нив ќе разговара со премиерот Груевски, јавува Телма.




