Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција рече дека денеска ќе контактира со роднините на починатите во страшната несреќа на автопатот „Струма“.

– Денеска ќе контактирам со семејствата, бидејќи сакам да знам кои се нивните очекувања во однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму за да можеме да го направиме овој акциски план, истакна Османи.

Османи рече дека е во постојана комуникација со бугарското МНР и се прават подготовките за преносот на телата.

– Јас вчера имав еден подолг состанок овде во Министерството за да ги утврдиме сите детали. Се разбира работиме според проценките кога би можело да заврши процесот на идентификација. Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции, додава Османи.