Претседателката на дипломатскиот совет на СДСМ, Илинка Митрева, вчера и денеска остварила неколку средби во седиштето на Социјалистичката партија на Франција и Министерството за надворешни работи во Париз.
Митрева, се сретнала со меѓународниот секретар на Социјалистичката партија и прв потпретседател на Партијата на европските социјалисти, Жан Кристоф Камбаделис.
Политичките состојби во Република Македонија и застојот во евро – интеграцискиот процес била една од темите на кои се разговарало на средбата.
На средбата, Митрева и Камбаделис договориле засилување на соработката со цел да се продлабочат односите помеѓу двете партии.
Во министерството за надворешни работи на Франција, Митрева разговарала со заменик директорот на Европа, Виолен де Вилмер и помошник директорот за Балкан, Франсоа Пиж.
Де Вилмер и Пиж, како добри познавачи на Балканот и регионот укажале на итни и неопходни реформи кои и се потребни на нашата земја со цел започнување на преговорите со Европската унија. Заеднички било акцентирано дека за Република Македонија освен ЕУ нема друга алтернатива.
На средбата Митрева побарала поддршка од Франција за почеток на пристапните преговори за членство на Република Македонија во ЕУ.




