Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ продолжува со структуирана серија на настани во следниот период воглавно секој четврток: дружења, тематски уметнички перфоманси, инсталации, мали концерти и други случувања од сферата на урбаната култура.
„Ние, што мислиме поинаку од оние кои ја заговараат интервенцијата на урбаната структура ГТЦ, ги продолжуваме протестните активности врзани за идејата која е и ексклузивна и инклузивна по својата важност“, истакна пред новинарите Даница Павловска.
Според неа потребно е подобрување на сегашната состојба на компактната урбана структура и тоа преку реставрација и програмско заживување на објектот ГТЦ, а низ една поширока јавна расправа и со оние кои ја обмислуваат и со оние кои ја живеат неговата архитектура.
„ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и претставува негово градителско, историско и културно наследство заедно со останатите делови на неговиот урбан блок. Заради тоа мора да остане таков како што е, автентичен, градски, наш …Заслужува почит и негување“, вели Павловска.

Пораката „Го сакам ГТЦ“ ќе ги потсети сите дека треба да истрајат во одбраната на ГТЦ така што ќе лебди испишана на стотина балони, во четврток, на 03.10.2013год, најавија поддржувачите на иницијативата.
Друга активност се писма – овозможување на граѓаните да им се обратат на одговорните (самите ќе ги именуваат), да се обратат до носителите на одлуките за преправањето на ГТЦ со писма во кои ќе ги изнесат своите ставови, мислења и сугестии. Формата на писмото (темплеитот) ќе биде поставена и достапна на интернет, а писмото потоа ќе му биде врачено на адресираниот примач по пошта (на рака).
Во четврток, настап на Ана Христова и ДЈ ќе биде музичка илустрација на средба-муабет со подсетување во Жена парк (во зависност од временските услови) со дониран безалкохолен пијалок
Ќе биде поставена и инсталација/изложба на сликарката Пандора Апостолоска Саздовска насловена како „Црвена гранична територијална линија“, значи линијата како цртеж, нејзината симболика низ историјата, врската меѓу човечкото битие и неговата желба за моќ, насилното окупирање простори, апсурдноста на војните…




