Дефинирањето на бракот единствено како заедница меѓу маж и жена, е обид за мешање на извршната власт во основните права и слободи во еден демократски систем, се вели во двомесечниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човековите права, по иницијативата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за промена во Уставот по тоа прашање.
Правото на самоидентификување, правото на приватност, особено на семејниот живот, не треба да бидат предмет на воведување на рестрикции, се оценува во извештајот. Според комитетот, самата рестрикција претставува нееднаков третман, односно дискриминација, а правните односи во бракот веќе се регулирани со закон, по што предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е беспредметен.
„Законот за семејство на Република Македонија го уредува ова прашање на идентичен начин како подносителот на иницијативата за промена на Уставот односно дека бракот и вонбрачната заедница се заедници помеѓу маж и жена. Оттука, подносителот нема правна оправданост и аргументи кои би укажале на потребата за промена на член 40 од Уставот и загрозеноста на Законот за семејство кое го уредува ова прашање. Имајќи ја предвид секуларноста или одвоеноста на црквата од државата како Уставно начело, повикувањето на „многувековна традиција и етичките, моралните и верските начела на сите религии во Република Македонија го определуваат бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена“ – стр.7 значи директно мешање на еден паралелен систем на уредување кој не се базира на принципот на владеење на правото.“ се вели во извештајот на организацијата.
Хелсиншки комитет повикува секуларноста на државата да се почитува од сите политички партии, потенцирајќи дека не е точно наведеното во предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дека „во Република Македонија сите религии го определуваат бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена“.
Според извештајот, од верски и обичаен аспект кај припадниците на исламската заедница, според верските учења и традицијата, бил дозволен брак на еден маж и повеќе жени, што пак во практика во Македонија е спротивно на Кривичниот закон, кој укажува дека бигамија и полигамија се сметаат за кривично дело.
„Поради широкото толкување на член 8 од Европската Конвенција за човекови права Република Македонија како држава-потписничка на Конвенцијата го уредува ова право со член 40 став 1 и 2 од Уставот. Секоја рестрикција на ова право би значело директно мешање на државата во приватниот и семеен живот на индивидуата впуштајќи се во рестриктивно дефинирање на социјалните, општествените и семејните врски наметнувајќи обврска која е спротивна на правото. Воедно, ваквата рестрикција директно ќе влијае на граѓаните припадници на ЛГБТИ заедницата чиј приватен и семеен живот не е во согласност со предложената измена“ стои во извештајот на Хелсиншки комитет.




