Членови на како што велат иницијативниот одбор на поддржувачите на Црвековски се огласија со демант на изјавата на Наум Буревски за тоа дека оваа иницијатива бара оставка од Заев. Како што велат тие во дописот изјавата на Буревски е дадена во негово лично име.
Во дописот испратен до медиумите а потпишан од како што е наведено, членовите на поранешниот „иницијативен одбор“ кој повеќе не постои, се вели:
Во врска со објавената информација на некои медиуми како и пренесената изјава на Наум Буревски, дека некаков си „иницијативен одбор“ бара оставка од претседателот на СДСМ Зоран Заев, Ве известуваме дека ниту таков иницијативен одбор постои, ниту пак е покрената било каква иницијатива. Ставот на Наум Буревски е негов личен став, неподдржан од никого. Причините за ваквата реакција на Буревски се на лична основа и нанесуват штета на функионирањето на партијата.
Воедно, Ве потсетуваме дека „иницијативниот одбор за поддршка на лидерот Бранко Црвенковски“ за останување на чело на СДСМ, беше формиран самоиницијативно од група на поддржувачи на тогашниот претседател Бранко Црвенковски во моментот кога тој најави оставка од лидерската позиција на СДСМ.
„Иницијативниот одбор за поддршка на лидерот Бранко Црвенковски“ кој тогаш беше формиран, не е никаков правен субјект или тело кое во континуитет функционира. По завршување на процедурата за избори на претседател на СДСМ, на почетокот на јуни минатата година, тогашниот иницијативен одбор му даде безрезервна поддршка на новоизбраниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, и со тоа тој „иницијативен одбор“ ПРЕСТАНА ДА ПОСТОИ.
Самоиницијативното постапување на Наум Буревски во име на тој иницијативен одбор што повеќе не постои, е перфиден обид за разединување на членството и нарушување на односите во СДСМ.
Од тука, го повикуваме членството да остане единствено и да не подлегнува на валканите игри на некои самопрогласени „заштитници и душегрижници“ на СДСМ, кои на ваков начин работат во корист на власта на Никола Груевски, кој што ни е единствен противник и кој што сите заедно се бориме против неговиот режим.
Претходно во име на поддржувачите на Црвенковски се огласи Наум Буревски. Во неговата изјава се наведува дека Одборот за поддршка на Бранко Црвенковски преку отворено писмо бара оставка од актуелниот лидер на Социјал-демократскиот сојуз, Зоран Заев.
„Поднесувањето на оставката ќе значи најпаметното и најдоброто нешто што сте го направиле за партијата, откако сте дојдени на чело на СДСМ.
Веруваме во Вашата доблест дека ќе го направите чинот на поднесување на неотповиклива оставка заедно со целокупното раководство за доброто на СДСМ и за доброто на сите лојални членови“, се наведува во дописот на кој е потпишан претседателот на Иницијативниот одбор, Наум Буревски.
Од СДСМ повикуваа членовите и поддржувачите да останат на висина на одговорноста што ја имаат како дел од најголемата опозициска партија.
СДСМ е уверена дека членовите и поддржувачите на партијата ќе останат на висината на одговорноста што ја имаат како дел од најголемата опозициска партија и кон определеноста за заштита на интересите на државата и нема да влезат во сценаријата на Никола Груевски, кој на разни начини се обидува да го дефокусира вниманието од криминалниот багаж со кој влегува во формирање нова Влада.
„Социјалдемократскиот сојуз ќе утврди кое е најдоброто решение за натамошното дејствување на партијата на Конгресот кој ќе се одржии на 11. Мај“, соопштуваат од СДСМ.
На Конгресот ќе се гласа довербата на телата на партијата. Од СДСМ велат дека ќе бидат донесени одлуки кои ќе бидат во интерес на државата и во интерес на граѓаните на Република Македонија.




