Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски ја информира јавноста дека со најава за вчерашниот протест за поддршка на новинарот Томислав Кежаровски е консултирано Министерството за внатрешни работи и дека законските одредби не забрануваат протест.
Во соопштението се вели:
-Од МВР ни беа посочени одредбите од Законот за јавни собири (член 3).
Врз основа на ова и водени од уставното право според кое „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола“ Иницијативниот одбор реши да организира редарска служба и да го одржи протестот како што беше закажан.
Во продолжение ви ги цитираме законските и уставни одредби за одржување протест:
Устав на РМ:
Член 21
Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.
Закон за јавни собири
Член 3
Заради интересите на безбедноста организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на јавнот собир и мерките што се преземени за неговото одржување. ..
Во однос на прекинувањето на собири, Законот за јавни собири (член 26) вели дека МВР може да го прекине одржувањето на јавен собир само ако е насочен кон:
– загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и
– загрозување на животната средина.
Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот, ги соопштува и потсетува на законските одредби Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски.




