Иранските вооружени сили вечерва собориле два израелски борбени авиони „Ф-35“ за време на масовниот израелски воздушен напад врз Техеран и други цели во земјата, објавија иранските државни медиуми, додавајќи дека не е позната судбината на пилотите.
Најмалку два израелски борбени авиони беа соборени во иранскиот воздушен простор, објави официјалната новинска агенција ИРНА, која вели и дека во низата ракетни напади на Иран врз израелските градови, погодени се цели во Ерусалим, Тел Авив, Хаифа и други градови.
Државните медиуми лиферуваа и фотографија на која наводно се гледа еден од соборените ловци од американско производство.
Сирените за воздушна опасност и натаму се огласуваат низ Израел, а според последните информации, во нападите со балистички ракети загинал еден човек, а 64-ца се ранети. На населението му е наложено да остане во засолништата.