Исландскиот министер за надворешни работи Гунар Браги Свенсон соопшти дека Исланд ги прекинува преговорите со ЕУ. Коалицијата на десниот центар, која победи на парламентарните избори во април, вети дека ќе го прекине процесот на европска интеграција.
„Го распуштивме тимот и преговарачките групи па повеќе нема да биде одржан ниту еден самит. Владата е единствена по тоа прашање. Процесот е запрен, ништо не е затворено, сакаме подобрување на нашата комуникација и зајакнување на нашите врски со ЕУ без приклучување“, рече Свенсон во парламентот.
Инаку, Исланд во 2010 година ги започна преговорите со ЕУ, за време на поранешната социјалдемократска влада.
Според анкетите само 25 проценти од граѓаните го поддржуваат влезот на Исланд во ЕУ. Според тоа владата реши да ги прекине преговорите, иако Исланд затвори околу една третина од поглавјата во преговорите.
Еврокомесарот на проширување на ЕУ, Филе сака преговорите да завршат, а Баросо порача: И понатаму ве чекаме!