Заврши целосната исплата на субвенциите за тутунот од реколтата 2021, а исплатени се вкупно 1.3 милијарди денари на сметки на 17.000 тутунопроизводители, информираат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Процедурата за оваа финансиска поддршка на тутунарите започна, откако пратениците во Собранието ја деблокираа законската измена во Законот за земјоделство и рурален развој, преку одложувањето на обврската кон УЈП.

„Изразуваме жалење што овие средства не беа порано исплатени на сметките на тутунарите, бидејќи процесот на донесување на оваа законска измена во Собранието беше закочен речиси шест месеци, односно од февруари 2022 година“, велат од МЗШВ.

Од Министерството потенцираат дека со надминување на блокадата и донесувањето на измените во законот за земјоделство и рурален развој, овозможени се услови од оваа година да се започне и со авансна исплата на субвенциите, мерка, како што велат, која не се случила во изминатите 16 години. Токму преку оваа измена, земјоделците ќе можат 30 отсто од субвенциите да ги добијат авансно, односно во рок од 90 дена по аплицирањето.

„Дополнително, ги информираме земјоделците и целокупната јавност дека во следниот период започнува реализацијата на исплатата за финансиската поддршка за набавено вештачко ѓубриво и поддршката за продадени или заклани гоеници – мерки со кои ги помагаме земјоделците во услови на криза преку Интервентниот фонд. Во тек е реализација и на поддршката преку програмата за директни плаќања за премијата за произведено и предадено млеко јануари-февруари 2021, како и субвенциите за заклани бројлери и несилки во регистрирани кланични капацитети“, известуваат од МЗШВ.