Сите граѓани кои не поднеле годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2014 година тоа може да го сторат уште денеска.
Крајниот рок за поднесување Годишна даночна пријава е 15 март, но бидејќи овој датум годинава беше в недела пријавата може да се поднесе и денеска, понеделник.
Според последните податоци, над 330.000 граѓани веќе ја исполниле обврската за поднесување годишна даночна пријава до УЈП, од кои над 1.500 ја искориле можноста за пријавување на приходите преку електронските даночни сервиси.
И покрај големиот број годишни даночни пријави кои изминатите неколку дена се поднесуваат до УЈП (од 40 до 50 илјади пријави дневно), според соопштението, не се регистрирани застои и поголеми чекања пред даночните шалтери.
Годишна даночна пријава може да се поднесе во регионалните дирекции и даночните одделенија на УЈП, како и во Контакт центарот на УЈП.
Доколку граѓаните сакаат да ги избегнат метежите пред даночните шалтери, годишната даночна пријава може да поднесат и преку пошта во еден примерок на адресата на надлежната регионална дирекција на УЈП, на која според местото на живеење припаѓа подносителот, како и преку електронските даночни сервиси за што подносителот требно да поседува дигитален сертификат на УСБ токен издаден од овластена куќа.




