Српскиот Кингер кој е речиси идентичен со Кингерот на македонската влада кој се урна пред 9 и пол години кај Мостар денеска треба да полета по истата кобна рута во рамките на истрагата за смртта на претседателот Борис Трајковски.
Како што изјави за МИА Сотир Трајков, овластен претставник на Македонија во Меѓународната комисија која ја спроведува обновенета истрага, во попладневните часови ќе се изврши лет за проверка на процедура на летот на релација Скопје – Мостар со ист тип на авион „Кингер“ со кој што на 26 февруари 2004 година се случи несреќата во која загинаа претседателот Трајковски, членовите на државната делегација и екипажот.
Кингерот претпладнево полетал од Белград и ќе слета на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. По брифингот со пилотите авионот ќе полета кон Мостар.
Истрагата за авиоснката несреќа во која загина претседателот Трајовски беше повторно обновена на барање на Македонија по доставените нови докази.
Во тимот се по двајца пилоти од Македонија, од БиХ и од Србија. Авионот што ќе биде употребен е од ист тип како и „Кингерот“ на Трајковски и е сопственост на Српската контрола на летање СМАТСА, на секторот за калибража, вели Костов, кој е и претседател на Комитетот за истраги на несреќи и сериозни инциденти на воздухоплови.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.




