Пожарот во манастискиот комплекс „Трескавец“ е целосно изгаснат, изјави командантот на прилепската противпожарна единица Станко Колески.

Десетина пожарникари и граѓани ноќта ја минале во манастирот за да ја следат ситуацијата.

По констатирање на состојбата и по обезбедување на местото, полицијата ќе започне со увид.

Покрај монахот Калист, единствениот жител на манастирот, во моментот кога вчера избувнал пожарот, во манастирот имало и британски турист, кој пожртвувано се вклучил во гаснење на пожарот, извести „Дневник“.

Ова за весникот го потврдила истражниот судија Весна Пајмакоска, која денеска ќе ги сослуша сведоците и ќе направи пак увид со вештаци, полицијата и јавното обвинителство во истрагата за откривање на причините за катастрофалниот пожар.

Изгореа конаците, а за среќа пламенот не ја оштети црквата од 13. век, „Успение на Пресвета Богородица“.

Според Калист, единствениот жител на манастирскиот, пламенот избувнал во гостинската просторија во еден од конаците, а потоа почнал брзо да се шири кон останатите простории.

Бидејќи конструкцијата на конаците е дрвена пламените јазици за кратко време ги изгореа до темел.

Вчера во гаснењето на пожарот интервенираа и три хеликоптери на АРМ. На пожарникарите работата им беше отежната поради фактот што во манастирскиот комплекс нема вода, а патот до таму е тешко прооден.