Од шест до 12 месеци се очекува да трае повторно отворената истрага за авионската несреќа во која загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, истакна главниот истражител Омер Кулиќ.

Тој информираше дека петнаесетчлениот меѓународен тим го сочинуваат експерти од БиХ, Хрватска, Србија, како и од Македонија, а нивните имиња нема да бидат соопштени на јавноста со цел да се избегне евентуално влијание врз нивната работа.

– Имињата на луѓето вклучени во тимот нема да и бидат познати на јавноста за евентуално да не може да се влијае врз истражителите. Го сочинуваат седум воздухопловни инженери, тројца пилоти, двајца контролори и двајца дизајнери на воздухопловни процедури. Сметаме дека тој тим е доволно стручен за да ја изврши работата коректно, рече Кулиќ.
Искана дека првичната истрага не задоволува затоа што е завршена за многу брзо време од неполни два месеца.

– Оваа Комисија не ја утврдува вината и одговорната особа, туку фактите и тоа како дошло до несреќата. За тоа дали во таа несреќа постои одговорно лице или лица и дали ќе бидат процесуирани за тоа ќе одлучува обвинителството. Штом биде готов извештајот ќе биде доставен на обвинителството и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски на БиХ, рече Кулиќ.

Кулиќ упати апел до македонската јавност кој има какви било сознанија вредни за истрагата да и ги достави на оваа Комисија во текот на истрагата оти по нејзиното завршување тие нема да бидат релевантни, потсетувајќи дека прикривањето на докази претставува кривично дело.