Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година, изјави за Слободен печат обвинителката Вилма Русковска за истрагата против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани.

Таа објаснува дека надлежниот обвинител издал повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигнало и последното известување, по што е донесена наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените.

-По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска,“ вели Русковска.