Претседателот на Советот на скопската општина Центар, Мирослав Шиповиќ, вчера бил сослушан од истражен судија во истражниот затвор во Шуто Оризари, јавува „Нова Македонија“.
Шиповиќ беше екстрадиран во Македонија во доцните часови помеѓу четвртокот и петокот по што следеа реакции од градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, од најголемата опозициска партија СДСМ, како и владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски упати барање да се објасни од каде потребата да се донесе Шиповиќ далеку од очите на јавноста, а градоначалникот Жерновски посочи дека самото тоа укажува на некаков сомнеж.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на нивните изјави, укажувајќи дека тие немаат намера да ја кочат работата на општина Центар, но и дека законите важат за сите и немало задни намери, Шиповиќ бил осомничен за „криминал сторен во фирмата Машино-промет, каде бил Претседател на Управниот Одбор“.
Социјалдемократскиот сојуз, и Жерновски, децидни со своите барања, ги повикаа институциите, на Шиповиќ да му биде овозоможено да е брани од слобода.
Претседавачот со Соцетот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, беше уапсен на 15 октомври на виенскиот аеродром, откако самиот тој се обрати до јавноста и објасни дека нема намера да бега, ги негираше тврдењата за криминал во „Машинопромет“ и во интервју за НОВА, веднаш по веста дека МВР е по неговата потрага, изјави дека е во САД а се враќа порано од предвиденото.




