Загадена почва што дава земјоделски производи со лош квалитет е само еден од проблемите на животната средина во Македонија, укажуваат во Државниот завод за статистика во најновата публикација „Статистика на животната средина 2013“. Во неа статистичарите откриваат дека Македонија има сериозни проблеми со отпадните води и со цврстиот отпад, односно повеќе градови и села не се покриени со системи за собирање и третман на отпадните води и на отпадот.
Најдобар показател за тоа е што од околу 607.000 стана во Македонија, регистрирани со последниот попис, дури 130.000 стана немаат соодветни инсталации и отпадните води се излеваат директно во природата.
Кога е во прашање заштитата на животната средина, не помага многу ниту што во преостанатите станови и куќи има септички јами или, пак, се приклучени на јавна канализација, бидејќи во земјава постојат десетици канализациски испусти директно во реките, без притоа да има пречистување на отпадните води, се вели во истражувањето на Нова Македонија.
Со каква вода наводнуваме?
На зелените пазари во Скопје пазарџиите често нудат компири од Берово, гравче од Тетово, јаболка од Ресен, а всушност многумина од нив се од околните села и производите сами ги одгледуваат или, пак, ги набавуваат од производители од околината на Скопје.
Поради тоa неизбежно се наметнува прашањето каква вода се користи за наводнување на нивите во околината на главниот град, но и воoпшто во земјава. Во Европската Унија аферите за продажба на различни контаминирани прехранбени производи во маркетите веќе станаа редовна појава. Пред две години во Шпанија имаше сериозна афера со продажба на зеленчук што се потхранувал со бактерии наместо со органско ѓубриво.
Тогаш, Европа се стресе од смртоносната зараза предизвикана од мутиран вид на фекалната бактерија ешерихија коли во зеленчукот, поради што трпеше и македонскиот извоз на краставици и друг зеленчук. Македонските земјоделци уште тогаш укажаа дека не треба да се крие оти земјава е потенцијално опасно подрачје за зараза во производството. Имено, сѐ уште има подрачја што се наводнуваат директно од реките или преку канали, без притоа да се води сметка за бактериолошката исправност на водата.
– Имаме огромен фактор на ризик во овој однос. Наводнувањето на нивите е неконтролирано и без никакви проверки на водата. Чиста среќа е што досега никој не се пожалил на нешто посериозно. Мора во иднина да се поработи на ова – вели Трајче Ристов од „Агрооператива Македонија“.
Тој укажува дека е потребно да се инвестира во пречистителни станици и дека иако една ваква инвестиција може да чини од 20.000 до 100.000 евра, тоа би можело да значи огромно олеснување во пласманот на нашите земјоделски производи на светските пазари.
Во Државниот завод за статистика укажуваат дека дури 40,1 отсто од вкупниот број станови во земјава не се опремени со инсталации што отпадните води од домаќинството ги спроведуваат во јавна канализација, што покажува дека во Република Македонија малку се води сметка за заштита на животната средина од отпадните води од домаќинствата.
– Ако притоа се додаде и фактот дека поголем дел од изградената канализациска мрежа не води до современи колекторски системи, состојбата треба сериозно да нѐ загрижи, особено надлежните институции и единиците на локалната самоуправа – се вели во публикацијата.
Секое село – дива депонија
Во Република Македонија само скопската депонија „Дрисла“ исполнува минимум критериуми од стандардите на ЕУ пропишани во директивата за депонии. Секоја општина има своја депонија за отпад, односно во државава има 47 општински депонии. Вкупното количество депониран отпад во 2012 година изнесува 555.760 тони, а површината што ја зафаќаат депониите изнесува околу 780.000 квадрати.
Сепак, особено е важно да се нагласи дека во Македонија има околу 1.000 диви депонии, особено во селските области. Обичај е цврстиот отпад во селата да се фрла во непосредна близина на куќите, што е навистина загрижувачки. Инаку, годишното количество на создаден комунален отпад по жител за 2012 година изнесува 382 килограми, или 1.04 кг на ден.
Во Државниот завод за статистика велат дека голем дел процеси и производи што се поврзуваат со современиот начин на живеење имаат негативни ефекти врз животната средина и дека меѓу значајните последици се и растечките трошоци за третирање и депонирање на прекумерните количества отпад.
– Правилното управување со обемните количества отпад што се создаваат од домаќинствата, индустријата и од стопанството е од огромно значење за добросостојбата на општеството. Во изминатиов период лошата практика на управување со отпадот доведе до деградација на екосистемите, како и до губење драгоцени природни ресурси и потенцијални здравствени ризици – велат во ДЗС, заклучува истражувањето на Нова Македонија.




