Тирана: Италијанските медиуми објавија вест, повикувајќи се на „Гардијан“, дека Иванка Трамп и Џаред Кушнер, ќерката и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, го купиле островот Сазан во Албанија за над милијарда долари, објави euronews.al.
Тие минатиот месец престојувале во Албанија и на албанското крајбрежје минале неколкудневен одмор.
„Овој остров, познат по својата природна убавина, поранешна воена база, го привлече вниманието на двојката, која планира да го трансформира во луксузно одморалиште. Островот е дел од Националниот морски парк Карабурун – Сазан и е отворен за посетители од 2015 година, додека дел од него продолжува да се чува како воена зона. За време на комунистичкиот режим, островот се користел за воена обука и операции, а сè уште е исполнет со остатоци од бункери и тунели, наведуваат медиумите.
Додаваат дека преговорите за купување на островот се воделе без знаење на албанските жители и пратениците, сè додека не бил постигнат и објавен договорот од 1,4 милијарди евра. Според извештаите, главниот предизвик за проектот е расчистување на земјиштето од неексплодирани мини и воен отпад што се наоѓа на островот.