Здравствените власти ја разгледуваат и можноста за воспоставување на нова карантинска зона кај градот Бергамо кој се наоѓа североисточно од Милано. Во Бергамо е пријавено дека новороденче е заболено со коронавирусот и дека не e јасно како дошло до заразата

Италијанската Влада одлучи од утре 5 март да ги затвори сите основни и средни училишта, како и универзитетите во државата, се до средината на март со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Италија веќе затвори училишта и универзитети во најтешко погодените региони во Ломбардија, Венето и Емилија Ромања пред скоро три недели и прогласи карантиран во неколку региони во северниот дел на државата кои беа центар на избувнувањето, но вирусот се прошири низ цела држава.

Иако министерката за образование Лусија Ацолина е претпазлива и чека „одлуката да биде официјализирана“ попладнево, ситуацијата станува драматична, а здравствените власти ја разгледуваат и можноста за воспоставување на нова карантинска зона.

Новата црвена зона најверојатно ќе биде кај градот Бергамо кој се наоѓа североисточно од Милано. Во Бергамо е пријавено дека новороденче е заболено со коронавирусот и дека не e јасно како дошло до заразата со опасниот вирус.

Италија е најмногу погодена од епидемијата и таму има големо зголемување на бројот на смртните случаи.

Последните податоци од Агенцијата за цивилна заштита на Италија се дека има 27 нови смртни случаи, со што бројот се искачи на 79 починати од коронавирусот, а заболени се околу 2500 луѓе. После Кина, Италија има најголем број на смртни случаи, а трета по смртност е Иран со 77 починати од опасниот вирус.

Најпогоден од болеста е северниот дел на државата, односно Ломбардија, а уште 20 региони пријавиле присуство на вирусот.

Жителите не смеат да излегуваат од карантинската зона, никој не смее да влегува во оваа зонa, a pолицијата ги чува и не дозволува движење.

„Никој од нас не може да биде сигурен како ќе се одвива епидемијата понатаму. Ова е многу важна седмица за да можеме да видиме што ќе се случува понатаму“ изјави Ангело Борели, началник на Цивилната заштита.

Дополнително, 16 италијански државјани во Индија се заразени од коронавирусот, од вкупно 28 зарaзени колку што ги има во оваа држава засега.

СЗО објави дека на светско ниво починале 3,4 проценти од заболените што е многу повеќе од процентот на смртност од сезонскиот грип, што изнесува помалку од 1 процент.