-Алијансата постојано се повикува дека мора да биде почитувано меѓународното право и сите преземени обврски. Мислам дека тоа треба да се однесува и на Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов, кој денеска упати честитки до Црна Гора која доби покана да стане 29-та полноправна членка на НАТО.
– Ние како земја од овој регион се радуваме за секој успех на секоја земја, затоа што успехот на секоја поединечна земја придонесува кон стабилноста и сигурноста на целиот наш регион. Меѓутоа, мора да се има предвид дека Македонија одамна ги има исполнето сите услови кои се предвидени за членство за НАТО, но поради блокадата од нашиот јужен сосед се уште сме во статус-кво состојба, наведе претседателот Иванов.
За сите овие работи во изминатиот период, претседателот вели дека информирал многу светски државници со кои остварил средби. На сите тие средби било укажано на последиците од блокадите и статус-кво состојбата во која се наоѓа Македонија.
– Блокадите предизвикуваат фрустрации кај нашето население, но и кај целото општество. Македонија досега се покажа како почитуван, извонреден партнер на Алијансата, затоа што учествува во сите мисии во кои е поканета, но и до сега остваривме 16 акциони планови за членство и го почнуваме 17-ти т.н. МАП, а се уште го немаме добиено она што го заслужуваме, изјави Иванов.




