„Сметам дека кредибилитетот на ЕУ во нашиот случај е доведен во прашање“, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за словачкиот месечник „Димензие“.
Според Иванов, одлуката на Европскиот совет во јуни во однос на Македонија е срамна, а Европската унија се солидаризира со земја-членка која од нас бара незамисливо обезличување, погазување на правото на самоидентификација и човечкото достоинство.
Дополнително, како што посочува претседателот Иванов, сите се однесуваат како да не постои пресуда на Меѓународниот суд на правдата.
„Од овие причини сметам дека кредибилитетот на ЕУ во нашиот случај е доведен во прашање. Јас сум убеден дека никому не му е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој создава заеднички придобивки. Факт е дека пристапните преговори го олеснуваат решавањето на билатералните прашања. Тоа се покажа во случајот на Словенија и Хрватска. Македонија и Грција со поддршка од Унијата би можеле да го следат и применат овој позитивен пример. Всушност, тој пример дава дополнителен кредибилитет на нашите барања и очекувања. Процесот на преговарање и е потребен на Република Македонија, за побрзо да ги постигнеме сите европски стандарди и да создадеме амбиент во кој граѓаните ќе се чувствуваат сигурни и ќе имаат доверба во институциите”, вели претседателот Иванов за „Димензие”.




