На нашиот регион му треба нова инфраструктура, бидејќи на целиот Балкан има многу затворени патишта кои треба да се поврзат. Во тој контекст Коридорот 8 ќе го добие своето значење кога Јадранско-јонската магистрала ќе стане европски проект и сите земји ќе излегуваат на некој од европските коридорите, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната прес-конференција во Драч на крајот на Петтиот регионален претседателски самит.
Симболиката на овој Самит, како што посочи, е дека Европа ни е цел и токму Коридорот 8 станува прашање за европската иднина за целиот регион.
– Со новата инфраструктура ќе добиеме и нова економска, културна, трговска и туристичка размена. Затоа ние во Македонија инсистираме на Коридорот 8, кој засега дојде до Гостивар да продолжи и до Ќафасан на македонско-албанската граница, истакна македонскиот претседател.
Македонија, како што рече, има излез на два европски коридори, Коридорите 8 и 10, но Косово, Албанија и Црна Гора немаат излез на европски коридори и она, како што истакна, што на почетокот беше идеја сега станува конкретен проект кој би требало да е главна тема на Брдо процесот дека на регионот му треба нов коридор.




