Европската унија е таа што може најмногу да му помогне на нашиот регион да добие нов амбиент. Затоа патот кон ЕУ е нешто што ја менува нашата реалност, ова го заклучија на денешната средба во Тирана македонскиот претседател Ѓорге Иванов и албанскиот премиер Еди Рама.
– Знаеме какво минато сме имале сите ние што живееме на Балканот, но првпат се случува нешто што не обединува во иднина. Европската идеја е таа што од иднината, нас не обединува да работиме во сегашноста и да ги исполниме европските стандарди, принципи и критериуми. Така ќе се создава потесен простор за оние што не им мислат добро на луѓето на Балканот, се разбира доколку ние сме доследни на европската агенда, истакна Иванов.
Иванов и Рама на средбата разговарале за исполнувањето на обврските на двете земји кон своите малцинства.
– Разговаравме за придонесот на Албанците што живеат во Македонија, но и за Македонците што живеат во Албанија и притоа констатиравме дека живееме во такво време во кое не можете комуникацијата на луѓето и нивниот интерес да ги блокирате, рече македонскиот претседател.
Во контекст на тоа додаде дека на генерацијата што доаѓа треба да и се понуди нова инфраструктура, нови патишта, коридори, оптички кабли, далеководи, гасоводи…
– Тоа е она што и го должиме на генерацијата која доаѓа по нас. Ќе не паметат по она што денес ќе го направиме за нив, подвлече Иванов.
Албанскиот премиер истакна дека од исклучително значење е зајакнувањето на односите и соработката меѓу двете влади.
– Се отвора едно ново време на можности после договорот меѓу Косово и Србија. Со тоа се отвораат можности за сите земји во регионот во насока на взаемна натамошна соработка, рече Рама.




