Пратеничката Цветанка Иванова, на собраниската говорница остро протестираше за третманот на власта кон државната администрација
-Еве како Владата на државната и јавната администрација им ги честита Новогодишните и Божиќните празници, со закон на кој им вика: Ви ветив дека ќе ви покачам 10% оваа 2014 година, меѓутоа нема да ви покачам 10% плата, ама ќе ви донесам закон со кој што постојано ќе ве држам под стрес и нема да бидете слободни никогаш, затоа што сте голема бројка. Затоа што со таа бројка под притисок победуваме на избори.
На ден после Новогодишните и Божиќните празници се донесува закон, кој што ќе се однесува на некаде околу 150.000 граѓани во Република Македонија. Се донесува закон без да излезе министерот и да поднесе свое експозе, аргументи, зошто се донесува еден единствен закон, кои се основните критериуми, што ќе се уредува, како ќе бидат уредени клучните прашања.
Без Синдикат не можете да донесувате закон, кој што се однесува на 150.000 граѓани.
Зошто овој закон не е поминат на економско социјалниот совет? Зошто за овој закон не е прашан Синдикатот? Зошто за овој закон не е прашана опозицијата?
Начинот на оценка на државните службеници значи ли тоа дека на овој начин постојано ќе се држат во стрес државните службеници ? Значи ли тоа дека ќе преовладува субјективизам и 75% од вкупниот број на бодови ќе зависат од непосредниот раководител на државниот службеник? Каде е мерит системот? Каде е објективноста? Каде е знаењето? Каде е системот на унапредување?
Никаде во сите овие процедури го нема синдикатот, каде го изгубивте попатно синдикатот? Дали се сакате во свои раце да држите? Не може без синдикат! Небулози.
Да одржиме јавна расправа и да можеме нешто да подобриме. Не држат аргументите дека сакате европска администрација. Ако е така по кој закон спроведовте јавен оглас за вработување на 1600 граѓани во државна администрација, изјави пратеничката Иванова.




